страна: 1 2 3 4 5 6 7

01.04.2005
Бошковски се изјасни за невин пред Трибуналот

„Невин сум по сите три точки на обвинението и тоа брзо ќе го докажам“, порача денеска поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски на првичното појавување пред Хашкиот Трибунал.

„По оваа точка од обвинението се изјаснувам како невин и се надевам дека пред овој суд, убеден сум во тоа, ќе ја докажеме невиноста, не само по оваа точка, по сите 3 точки на обвинението“, изјави Љубе Бошковски, поранешен министер за внатрешни работи на РМ.

Хаг, 1 април (МИА) - Поранешниот министер за внатрешни работи на Република Македонија Љубе Бошкоски денеска на првото појавување пред Судскиот совет на Хашкиот трибунал се изјасни дека е невин по трите точки од обвинението за кршење на законите и обичаите на војување во врска со случајот "Љуботен".

   Бошкоски, како што јавува МИА, не го искористи правото што му го дава Правилникот на Трибуналот да го одложи изјаснувањето по обвинението за еден месец, како што тоа го направи вториот Македонец обвинет за Судот во Хаг Јохан Тарчуловски, кој се товари за истото дело.

   Судијата Кевин Паркер од Австралија му предочи на Бошкоски има право правен застапник да му биде назначен адвокат без никакви трошоци доколку е тоа потребно, ако реши самиот да се брани треба писмено да го извести Секретарјатот што е можно поскоро. "Јас би ви предложил да разговарате со вашиот правен застапник пред да се изјасните и би ве прашал дали сакате денеска сега да се изјасните или сакате во некој подоцнежна фаза, а тоа мора да се случи во рок од 30 дена од сега", истакна судијата Паркер.. "Верувам во оваа висока правна и судска институција и сметам дека денеска е време кога треба да с изјаснам и ќе се изјаснам затоа што очекувам брза постапка и верувам во тоа дека во мојот предмет нема случај", рече Бошкоски.

По првата точка од Обвинителниот акт кој го обвинува Бошкоски за убиство, прекршување на закаоните или обичаите на војување, екс министерот се изјасни како невин. Втората точка по обвинението "за безобзирно уништување градови, градчиња или села, прекршвување на законите или обичаите на војување Бошкоски рече дека не само што е невин, туку оцени дека на начинот на кој е водена истрагата во Македонија е начин кој директно ја напаѓа Владта на Македонија и е антимакдонски чин.

   Третата точка - за сурово постапување - кршење на законите или обичааите на војување Бошкоски рече дека е невин и изрази убеденост дека пред Судот ќе ја докже невиноста по сите три точки од обвиненито.

   Љубе Бошкоски е обвинет за "командна одговорност" односно дека како министер за вантрешни работи му одобрил на Тарчуловски да ја формира и предводи полициската единица која во август 2001 година спроведе акција во Љуботен во која настрадаа седуммина жители од албанска националност. Во обвинението се наведува и дека единицата со која командувал Тарчуловки намерно запалила најмалку 14 куќи во Љуботен, а уште неколку оштетила со рачни бомби и со куршуми од автоматско оружје. Во периодот меѓу 12 и 15 август 2001 година, Тарчуловски и неговите луѓе, според хашкото обвинение, притворале и физички малтретирале повеќе од 100 албанци од Љуботен во полициските станици во Скопје.

   Љубе Бошкоски беше екстрадиран од Загреб во Хаг на 24 март. Бошкоски до заминувањето во Хаг, неколку месеци беше во истражниот затвор во Пула. Хрватската полиција го уапси по барање на македонските власти откако беше обвинет за случајот "Раштански лозја". За истото кривично дело - соизвршителство во седум тешки убиства кај месноста Раштански Лозја, на 25 февруари обвинение против Љубе Бошкоски, кој има и хрватско државјанство, подигна и Обвинителството во Пула.

   Вториот обвинет за случаЈот "Љуботен" Јохан Тарчуловски, поранешен телохранител на претседателот Борис Трајковски, отпатува од Скопје во Хаг на 16 март.

   Неговото прво појавување пред судот беше на 21 март, кога го одложи за еден месец изјаснувањето по хашкото обвинение.

   Владата на Република Македонија на вчерашната седница го задолжи Министерството за правда да подготви информација со предлог за начинот на користење на документацијата во државните органи за правна заштита на осомничените македонски државјани од страна на Хашкиот трибунал.

   Владата заклучи врз основа на искуствата од другите земји, да се разгледаат и да се предложат форми за финансиска поддршка за обезбедување правен застапник на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски пред Хашкиот трибунал.

   МИА во продолжение ИНТЕГРАЛНО пренесува дел од обвинението на Хашкото обвинителство против Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски

   Член 7(3) од Статутот на Судот

   Љубе Бошкоски е лично кривично одговорен според член 7(3) од Статутот на Судот за кривични дела наведени во член 3 од Статутот на Судот како што се вели во ова Обвинение. Претпоставениот е одговорен за кривичните дела на своите подредени ако знаел или имал причина да знае дека неговите подредени се подготвуваат да извршат такво дело или веќе го сториле тоа, а претпоставениот не презел неопходни и рационални мерки да го спречи таквото дело или да ги казни сторителите.
  
Здружен злосторнички потфат

   Здружениот злосторнички потфат започнал не порано од петок 10. август 2001 и продолжил се до, вклучително со, недела 12. август 2001, за време на вооружениот конфликт во БЈРМ. Целта на Здружениот злосторнички потфат била да се упати противзаконски напад на цивили и цивилни објекти во селото Љуботен, што не било оправдано со воена неопходност, кривично дело според член 3 од Статутот на Судот. Кривичните дела што се извршени во Љуботен и со кои тој се товари во Точките од 1 до 3 од ова Обвинение спаѓаат во рамките на целта на Здружениот злосторнички потфат.

   Јохан Тарчуловски работел заедно со другите членови на Здружениот злосторнички потфат, припадници на редовната и на резервната полиција на БЈРМ под негова команда.

   Јохан Тарчуловски учествувал во текот на целиот период на постоењето на Здружениот злосторнички потфат на еден или повеќе од следните начини:

   (а) Од јули до август 2001 тој лично избирал лица за формирање на својата редовна и резервна полициска единица којашто учествувала во нападот.
   (б) Од јули до август 2001 тој го координирал вооружувањето на припадниците од неговата редовна и резервна единица којашто учествувала во нападот.
   (в) Меѓу 10. и 12. август 2001 со помош на високи државни и полициски службеници,тој ги убедилнајвисоките полициски и воени команданти кои биле одговорни за безбедноста во областа на Љуботен да го поддржат нападот на Љуботен.
   (г) Тој побарал и добил логистичка, материјална и вооружена поддршка за нападот на Љуботен од највисоките полициски и воени команданти стационирани во областа на Љуботен меѓу 10. и 12. август 2001.
   (д) Тој ги потстрекнувал редовните и резервните полицајци во својата единица да учествуваат во нападот на Љуботен.
   (ѓ) Тој решавал за оружјето, човечкиот потенцијал, логистичката и друга материјална поддршка што требало да биде употребена во нападот.
   (е) Тој го определувал времето, методот, начинот, целите и метите на нападот.
   (ж) Тој им наложил на редовните и резервните полицајци во својата единица, користејќи ја својата позиција на авторитет, да го нападнат Љуботен.
   (з) Тој бил присутен и учествувал како раководител и лично давал напатствија во копнениот напад и бил присутен на местото на личните кривични дела за кои се товари во ова обвинение.
   Јохан Тарчуловски учествувал во Здружениот злосторнички потфат како соизвршител. Јохан Тарчуловски и другите членови на Здружениот злосторнички потфат делувале врз основа на заедничка цел, со подеднакви намери.
   Всушност, кривичните дела наброени во Точките од 1 до 3 од ова Обвинение претставуваат природна и предвидлива последица од извршувањето на целта на Здружениот злосторнички потфат, да се упати директен противзаконски напад на цивили и цивилни објекти во селото Љуботен, и Јохан Тарчуловски бил свесен дека такви кривични дела се можна последица од извршувањето на Здружениот злосторнички потфат и свесно одлучил да учествува во потфатот.
   Наредување, Планирање и Поттикнување
   Јохан Тарчуловски е исто така лично кривично одговорен за наредување, планирање и поттикнување на кривичните дела со кои се товари во Обвинението со тоа што учествувал во нападот на Љуботен како што е опишано во параграфите 6 (а) до (з) погоре. Тој директно имал намера тие кривични дела да бидат извршени или, во краен случај, тој бил свесен за големата можност дека тие кривични дела ќе бидат сторени при извршувањето на неговите наредби, планови и поттикнувања. Помагање и Поддржување Покрај тоа, Јохан Тарчуловски ги помагал и поддржувал кривичните дела со кои се товари во Обвинението со тоа што учествувал во нападот на Љуботен како што е опишано во параграфите 6 (а) до (з) погоре. Тој бил свесен дека го потпомага извршувањето од страна на извршителите на определените кривични дела, изнесени во ова Обвинение, или, во краен случај, бил свесен дека едно или повеќе кривични дела најверојатно ќе бидат сторени од нив и знаел дека неговите постапки ќе го потпомогнат извршувањето на ова или овие кривични дела.

БОШКОВСКИ: ОБВИНЕНИЕТО НЕ СЕ ТЕМЕЛИ ВРЗ ДОКАЗИ, ТОА Е ПРЕПИШАНА ИЗЈАВА НА ХРВ

Хаг, 1 април (МИА) - "Сакам да предупредам дека обвинението не се темели врз докази, дека обвинението е произволно и оти е препишана изјавата на Хјуман Рајтс Воч во Република Македонија. На овој начин е нападната Македонија. Ова не е случај во кој Бошковски е пред Хашкиот Трибунал туку - Република Македонија. Не можам да ја сфатам оваа постапка никако поинаку, и затоа барам брзо решавање на овој слуај. Сигурен сум дека ќе ја одбранам мојата чест и невиност и невиноста на мојата држава Република Македонија", изјави пред Трибуналот поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски.

   Судијата Кевин Паркер соопшти дека во ова фаза не може да вети брзо судење.

   "Не можам во оваа фаза да ви ветам брзо судење. Тоа зависи колку Судскиот совет ќе биде на располагање и ќе може да го слушне вашиот случај, но сепак, се почитува вашето барање".

02.04.2005
ЕКСМИНИСТЕРОТ ЉУБЕ БОШКОСКИ ВЧЕРА СЕ ИЗЈАСНИ ПРЕД ХАШКИТЕ СУДИИ
Апсолутно невин

"Апсолутно невин"- вака кажа ексминистерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски вчера пред хашките судии, на неговото прво појавување пред нив.
"Јас верувам во оваа правна и судска институција и сметам дека денеска е време кога треба да се изјаснам, бидејќи очекувам брза постапка затоа што верувам дека во мојот предмет во овој случај нема случај", изјави Бошкоски.
Судечкиот судија му ги прочита трите точки од обвинителниот акт на обвинетиот, и тоа за убиство, уништување градови и села и прекршување на законите на војување. Бошкоски на секоја од нив кажа дека е невин. Тој додаде: "Не само што сум невин, сметам дека овој начин на кој е водена истрагата во Република Македонија е начин на кој директно се напаѓа Владата на Македонија и е еден антимакедонски чин. Се надевам дека пред овој суд, а и убеден сум во тоа дека ќе ја докажам невиноста по сите три точки на обвинението".
Љубе Бошкоски вчера во 15 часот се појави во судницата број еден на Хашкиот трибунал. Тој на судењето беше без адвокат. Судот му укажа на Бошкоски дека може дополнително да донесе адвокат, а ако не може да плати, тогаш Трибуналот ќе му назначи бранител. "Сега за сега се уште размислуваме за деталите", кажа Бошкоски. Првото сослушување на Бошкоски траеше 20-ина минути.
Судечкиот судија прво го праша Бошкоски дали го прочитал обвинението и дали го разбрал. "Да, запознат сум со обвинението, и тоа во сите варијанти", одговори Љубе.
Новото рочиште ќе биде закажано откако во Судот ќе бидат завршени сите формалности околу подготовката на главниот судски процес. Љубе ќе треба да ги добие сите документи од предметот, меѓу кои и изјавите на сведоците на Обвинителството.
Пред да биде изведен од судницата, Љубе им се обрати на судиите со следните зборови: "Сакам да предупредам дека обвинението е произволно, се однесува и е буквално препишано од Хјуман рајтс воч во Македонија. На овој начин е нападната Македонија и ова не е случај во кој Љубе е пред Хашкиот трибунал туку е Република Македонија. Не можам да ја сфатам оваа постапка никако поинаку и затоа барам брзо решавање на овој случај. Сигурен сум дека ќе ја одбранам мојата чест, мојата невиност и невиноста на мојата држава Република Македонија".

>>TOP<<