страна: 1 2 3 4 5 6 7

05.07.2005

ХАШКИОТ ТРИБУНАЛ ГИ ИСЛУША АРГУМЕНТИТЕ ЗА И ПРОТИВ ПУШТАЊЕТО НА ДВАЈЦАТА ОБВИНЕТИ ОД МАКЕДОНИЈА


Бошкоски: Не дај боже да побегнам од Македонија!

Судскиот совет на Хашкиот трибунал во најскоро време ќе одлучи дали обвинетите Јохан Тарчуловски и Љубе Бошкоски ќе бидат пуштени да се бранат од слобода. Ова вчера го соопштил претседателот на тричлениот Судски совет на Хашкиот трибунал Керемес Агиус, пред кого вчера министерката Мери Младеновска - Георгиевска, адвокатите Драган Гоџо и Антонио Апостолски и обвинителот на Хашкото обвинителство ги презентираа аргументите за и против барањето на одбраната на Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски да се бранат од слобода.
На седницата на која присуствувале и обвинетите, обвинетиот Бошкоски изјавил дека во ниеден миг како политичар и татко на три малолетни деца, но и како заљубеник во Македонија не помислил својот и кредибилитетот на својата држава и нејзините евроатлантски аспирации да ги доведе под знак на прашање. "Не дај боже да побегнам од Македонија. Верувам дека Господ е на моја страна оти ја зборувам вистината", изјавил Бошкоски во судницата.
Слични гаранции дал и обвинетиот Јохан Тарчуловски кој го уверувал Судот дека во секој момент ќе им биде достапен на судските органи доколку тие одлучат да го пуштат да се брани од слобода.
"Владата гарантира дека обвинетите ќе се појават на судењето и нема да претставуваат опасност за ниедна жртва, сведок или која и да е друга личност", објаснила Младеновска и додала дека Владата веднаш ќе преземе соодветни активности ако обвинетите ја прекршат наредбата на Судот. Министерката очекува Судскиот совет да ја прифати гаранцијата за привремено пуштање на слобода на Јохан Тарчуловски и Љубе Бошкоски, кои се обвинети за командна одговорност и за кршење на законите и обичаите на војување при интервенцијата во скопското село Љуботен. Драган Гоџо и Антонио Апостолски, адвокати на Бошкоски и на Тарчуловски, пред судиите истакнале дека обвинетите, ако бидат ослободени, ќе се појават на сите судски рочишта на кои ќе бидат повикани и нема да влијаат и да вршат притисок врз жртвите и сведоците.
По излагањето на министерката и адвокатите, претставникот на Обвинителството Вилијам Смит се спротивставил на ослободувањето на Бошкоски и Тарчуловски. Како контрааргумент, обвинителот го посочил фактот што Бошкоски се соочува со две сериозни обвиненија за "Љуботен" и за "Раштански Лозја", за кои е предвидена затворска казна, што може да го попречи неговото појавување пред Судот ако биде пуштен на слобода. Според Смит, и покрај добрите намери на Владата, не може со сигурност да се гарантира дека Бошкоски ќе биде задржан во Македонија и оти во секое време ќе му биде на располагање на Судот.

 

11.06.2005
Подотворена вратата на Шевенинген

 

Љубе може да влезе само во Хрватска
Откако Трибуналот ќе го врати во затворот во Пула, ќе поднесеме жалба и за 24 часа Бошковски ќе биде пуштен, вели адвокатот Ходак

Во Хашкиот суд преовладал ставот дека Љубе Бошковски ги исполнува условите да се брани од слобода, но не од Македонија, туку од Хрватска, дознаваме од извори во судот.
Обвинителството на Трибуналот, пак, смета дека поранешниот македонски министер не треба да го напушти Шевенинген поради можноста да влијае на сведоците.
Сега судот полесно решава обвинетите да се бранат од слобода, оти судскиот буџет е драстично намален. Неодамна Хашкото обвинителство остро се спротивстави на пуштањето на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, но судот реши да го ослободи, а обвинителството не поднесе жалба.
Ако судот одлучи Бошковски да се брани од слобода, тој ќе биде вратен во Хрватска, бидејќи од таму беше однесен во Хаг. Олеснителна околност за него е и тоа што не поднесе жалба за своето притворање, па се смета дека доброволно се предал. Бошковски беше однесен во Шевенинген од затворот во Пула, каде што беше притворен за случајот "Раштански Лозја".
Дознаваме дека македонската влада детално го известила судот во Хаг за илегалното заминување на Бошковски во Хрватска за да побегне од истражните органи што го обвинија за "Раштански Лозја".
За случајот разговарале и странските дипломати во земјава. Тие се согласиле дека Бошковски треба да се брани од слобода, но под услов да биде вратен во Хрватска. Тие оцениле дека неговото присуство во земјава ќе има политичко влијание.
И хрватскиот адвокат Звонимир Ходак, кој го застапува Бошковски во случајот "Раштански Лозја" пред судот во Пула, имал информации дека Хашкиот суд ќе го пушти Бошковски да се брани од слобода.
- Хашкиот суд ќе го врати во Пула, но веднаш ќе поднесеме жалба и за 24 часа Бошковски ќе биде пуштен, зашто сите обвинети за "Раштански" се ослободени. Во најлош случај очекувам на Бошковски да му биде одреден домашен притвор - изјави Ходак.

Дневник

 

23.06.2005

Седница во Хаг за ослободување на Бошкоски и Тарчуловски

Министерката за правда Мери Младеновска Ѓорѓиевска ќе ја претставува Република Македонија на седницата на Судскиот совет на Хашкиот трибунал, закажана за 30 јуни, на која ќе бидат разгледани барањата на одбраната на Љубе Бошкоски и на Јохан Тарчуловски за нивно привремено пуштање на слобода.
Одлуката за тоа, како што соопшти Министерството за правда, е донесена на синоќашната седница на Координативното тело за соработка со Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија
Расправата е закажана за 30 јуни во 14 часот и 15 минути во судницата бр. 3 на Трибуналот во Хаг.
Министерката за правда Мери Младеновска - Ѓорѓиевска на 8 јуни во Хашкиот трибунал го предаде документот со кој Владата на Република Македонија гарантира дека обвинетите Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски ќе му бидат на располагање на Судот ако бидат пуштени да се бранат од слобода.
Во документот стои дека државата гарантира оти Бошкоски и Тарчуловски ќе му бидат достапни во секое време на Хашкиот трибунал доколку бидат пуштени од затвор и се наоѓаат на територијата на Република Македонија.
Барањето за пуштање на слобода на Јохан Трачуловски е поднесено на 21 мај, а за Љубе Бошковски на 25 мај.
Нема одредени рокови до кога Судскиот совет треба да одлучи по барањата за ослободување, но според досегашната пракса на Трибуналот тоа вообичаено е 60 дена по нивното поднесување. Одлуката по барањето за пуштање на слобода судиите не ја донесуваат на седницата што за таа цел се закажува, туку неколку денови или недели потоа.

>>TOP<<