страна: 1 2 3 4 5 6 7
1.10.2004
Ексминистерот за внатрешни работи ги отпушти старите и ангажираше нови адвокати во Хрватска
Бошкоски ангажира адвокати кои бранеле Хрвати обвинети во Хаг
Борис Георгиевски
Звонимир Ходак и Жељко Олуиќ се двајцата нови адвокати во тимот бранители на ексминистерот Љубе Бошкоски, кој се наоѓа во притвор во хрватскиот град Пула, како осомничен за ?случајот Раштански Лозја". Иако официјалните причини за смената на тимот кој претходно го застапуваше Бошкоски не се познати, во јавноста се проширија шпекулациите дека загрепските адвокати Невен Цирквени и Анте Мадуниќ не го задоволиле ексминистерот со начинот на кој работеле и го застапувале.
Она што е интересно во случајот на Бошкоски е податокот дека за разлика од Цирквени и Мадуниќ, кои важат за едни од најистакнатите адвокати во Хрватска и кои застапуваат голем број странски организации и компании во земјата, Ходак и Олуиќ во изминативе десет години во најголем дел ги застапувале најпознатите хашки затвореници кои дојдоа од Хрватска или од Херцег-Босна. Двајцата адвокати биле на високи државни функции или пак одблизу соработувале со хрватската власт во времето на владеењето на поранешниот претседател Фрањо Туѓман.
Жељко Олуиќ е првиот демократски избран јавен обвинител на Хрватска и таа функција ја вршел од 1990 до 1993 година. Јавноста во Хрватска го доживува како доста контроверзна личност, припадник на радикалното десно крило на ХДЗ, кое ја загуби речиси целата моќ во државата по чистките кои ги спроведе актуелниот хрватски премиер и лидер на ХДЗ, Иво Санадер, во својата партија. Во изминатиот период ги застапувал генералот Мирко Норац, Тихомир Орешковиќ, и многу други лица обвинети за воени злосторства во најголем дел Хрвати од Босна и Херцеговина.
Олуиќ во разговор за ?Утрински" вели дека со задоволство ја прифатил поканата да го застапува Бошкоски.
?Љубе го познавам многу одамна како познат антикомунист. Се познаваме од осумдесеттите години во времето кога се уриваше Југославија и Љубе секогаш ми беше симпатичен со неговите политички погледи и со љубовта спрема Македонија и македонскиот народ", вели Олуиќ. Тој тврди дека сличните политички погледи и влијанието на одредени радикални структури на ХДЗ до кои Бошкоски сў уште важи за многу близок немале никаква улога при неговиот и ангажманот на Ходак. Олуиќ отфрла каква било можност и Бошкоски, слично како и поголемиот дел од неговите клиенти да се најде на обвинителната клупа во Хаг.
?Начинот на кој е обвинет Бошкоски од страна на македонското обвинителство не спаѓа во надлежност на Хашкиот суд", вели Олуиќ.
Слична е биографијата и на вториот новоангажиран адвокат на ексминистерот. Иако Звонимир Ходак лично никогаш не заземал висока државничка функција, неговата сопруга долги години беше заменик-претседател на Владата во периодот на владеењето на Туѓман. Ходак бил долгогодишен приватен адвокат на поранешниот хрватски министер за одбрана, Гојко Сушак, во Хаг го застапуваше генералот Тихомир Блашкиќ, кој неодамна се врати во земјата откако ја одлежа затворската казна, на Златко Алексовски, како и на голем број други воени злосторници од Хрватска и Босна. Интересно е дека Ходак бил адвокат и на поголемиот дел од припадниците на хрватското криминално подземје, од кои поголемиот дел ги загубија животите во мафијашките пресметки во Загреб, кои кулминираа во периодот од 1997 до 2000 година.
Аналитичарите велат дека Бошкоски можеби својата последна шанса за спас од обвинувањата ја гледа во припадниците на крајната десница, чиешто влијание, иако многу намалено, сепак би можело да му обезбеди ослободување. Обидот судењето да се префрли од Пула во Загреб, кое не беше прифатено од надлежниот суд, се толкува како уште еден во низата обиди Брат Љубе да добие судија од десничарска провиниенција.
>>TOP<< |