страна: 1 2 3 4 5 6 7
31.03.2003
Црна листа на САД дополнета со Љубе Бошкоски
Поранешниот министер за внатрешни работи, а сега пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот Љубе Бошкоски е изненаден и затечен што неговото име е ставено на црната листа на САД, потпишана завчера од американскиот претседател Буш.
"Изненаден сум и не можам да верувам дека сум ставен на црната листа на САД. Но, додека не добијам официјална потврда, а има таква најава, не сакам да коментирам ништо", изјави вчера Љубе Бошкоски.
Бошкоски вели дека во текот на вчерашниот ден имал повеќе средби со дипломатите, со цел да добие објаснување за причините за неговото ставање на листата на непожелни гости во Америка.
Портпаролот на Стејт департментот Ричард Баучер, потврди дека Љубе Бошкоски е на црната листа на САД. Тој изјави дека "на црната листа е вметната уште една личност, човек идентификуван како господин Бошкоски, чие име е додадено врз основа на проценките дека тој ја поткопува стабилноста во Македонија".
Оние што се наоѓаат на листата, според Баучер, "претставуваат екстремисти кои настојуваат да го дестабилизираат Балканот".
Со прогласувањето на Бошкоски за непожелна личност, САД му забрануваат на Љубе влез во Америка, му ги блокираат евентуалните сметки во американските банки, и им забранува на американските државјани да имаат деловни или политички контакти со него. Истовремено, секој што во САД ќе лобира за Бошкоски или за негови проекти ќе биде прогласен за непожелна личност во САД.
Неофицијално се говори дека Љубе е на црната листа поради случајот Раштански Лозја, кога во полициска заседа беа убиени седуммина стрнаци. Бошкоски тогаш тврдеше дека станувало збор за терористи, активисти на Ал Каеда, кои имале намера да ја нападнат американската амбасада и други западни дипломатски претставништва во Скопје. Подоцна се утврди дека убиените, шест Пакистанци и еден Индиец, биле емигранти кои оделе на сезонска работа во Грција.
На црната листа повеќе ги нема лидерот на ДУИ и командант на бившата ОНА, сега пратеник, Али Ахмети, Фазли Велиу, Г'зим Острени и Хисни Шакири, сите пратеници, а поранешни водачи на ОНА.
Затоа, пак, Љубе на листата останува во друштво на Џевад Адеми, Невзат Халили, Кастриот Хаџиреџа, Даут Реџепи (командант Лека), Гафур Адили главен за АНА, Џавид Асани и АНА - АКШ.
Бидејќи листата е составена по азбучен ред, името на Љубе е на истата страница со Осама бин Ладен, непријателот број еден на Америка.
На листата има вкупно 171 лице од просторите на бивша Југославија, меѓу кои е и Слободан Милошевиќ, поранешен југословенски претседател.
Г.Трпеноски
16.03.2003
ОБЈАВЕНО ХАШКОТО ОБВИНЕНИЕ ЗА ВОЕНИ ЗЛОСТОРСТВА
Љубе во Хаг, оти бил авторитет
"Вина заради авторитет, убиство на 7 етнички Албанци, безобsирно уништување на градови, гратчиња и на села, како и сурово постапување со цивили" - пишува во обвинението против Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски, поднесено од Хашкиот трибунал. Бошкоски се товари за кривично дело: вина заради авторитет, а второобвинетиот Тарчуловски за соизвршител во здружениот злосторнички потфат.
Обвинението против двајцата Македонци е напишано на 23 страници и во него во детали е разработена акцијата на полицијата во скопското село Љуботен во 2001 година. Според наводите во обвинителниот акт, Бошкоски, како поранешен министер за внатрешни работи, имал де јуре и де факто моќ на команда и котрола над полицијата. "Како министер тој знаел дека кривичните дела наведени во обвинението биле извршени од неговите подредени", пишува во обвинението.
Втрообвинетиот Тарчуловски "вршел избор на членови и вооружување на полициската единица 'Лавови' која учествувала во Љуботен, како и избор на времето, методот, начинот, целите и метите на нападот", пишува во хашкото обвинение. Тој се товари дека е човекот кој го наредил нападот.
"За обвиненијата против Љубе разбрав од медиумите", изјави вчера адвокатот Ненад Јаниќевиќ. "Постојано сум во контакт со неговата сопруга Виолета и ниту таа, ниту јас, ниту Љубе немаме добиено обвинение или каква било официјална информација. Денес побарав писмено од Министерството за правда да ми бидат доставени сите документи што ги примиле од Хаг", вели Јаниќевиќ.
Екстрадицијата на Љубе, кој се наоѓа во затворот во Пула, и на Тарчуловски, кој е во притвор во затворот во Шутка, никој не може да каже кога ќе биде реализирана. Се шпекулира дека испраќањето во Хаг на осомничените ќе биде по завршувањето на вториот круг од локалните избори. Од Загреб стигна информација дека Хрватска може да го испорача Бошкоски секој момент. Министерката за правда Весна Шкаре - Ожболт изјави дека Бошкоски ќе го пратат во Хаг штом ќе го добијат барањето за негова екстрадиција.
Хрватскиот бранител на Бошкоски Звонимир Ходак вчера изјави дека пред Врховниот суд на Хрватска ќе поднесе приговор на хашкото обвинение. "Во Хаг ќе ја презентираме целата документација околу овој случај што веќе ја видоа хашките истражители во Пула. Тоа се доказите дека тој е невин затоа што во Љуботен стигнал три дена по настанот за да ја смири ситуацијата", вели Ходак. Според него, Бошкоски ги распуштил паравоените сили, поднел казнени пријави.
Обвинението од Трибуналот вчера било доставено до амбасадата на Хрватска во Хаг на кое според постпаролот Весна Довраниќ во оваа фаза на постапката нема можност за жалби.
>>TOP<< |