страна: 1 2 3 4 5 6
7
11.08.2005
ЗДРУЖЕНИЕТО "ЉУБЕ БОШКОВСКИ" ВО АКЦИЈА
Бизнисмени донираат за одбраната на Љубе
Многу бизнисмени се јавија да помогнат, но замолија да не им бидат објавени имињата, вели претседателот на Здружението Мане Јаковлевски
Здружението за поддршка на Љубе Бошковски почна кампања за собирање донации за финансирање на одбраната на Бошковски пред Хашкиот суд.
- Се обративме до многу фирми да донираат средства за одбраната на Бошковски и првичните резултати се задоволувачки. Многумина бизнисмени сами се јавија да помогнат, но не замолија да не бидат јавно објавени нивните имиња од политички причини - изјави претседателот на Здружението Мане Јаковлевски.
Во тимот на одбраната кој го води Драган Гоџо, се планира да се вклучат и искусни странски адвокати.
Јаковлевски вели дека течат преговорите со хрватскиот адвокат Анте Нобило за негово ангажирање во одбраната на Бошковски и се надева дека до крајот на месецот ќе постигнат договор.
- Независно како ќе завршат преговорите со Нобило, ние не се откажуваме од услугите и на адвокатите од Англија кои се запознаа со обвинението против Бошковски. Планираме најдоцна до септември да го составиме тимот од адвокати кои ќе го бранат Бошковски - вели Јаковлевски.
Со парите донирани од Австралија, Здружението ги покрило патните трошоци на адвокатите од Англија кои го посетија Бошковски во затворот Шевенинген минатиот месец, со цел да добијат информации за подготвување на одбраната.
Адвокатот на Бошковски, Драган Гоџо, очекува во втората половина на август Трибуналот да му соопшти дали ќе му дозволи да поднесе жалба на одлуката на судскиот совет, оти сега хашките судии биле на годишен одмор.
- Ако ни дозволат да се жалиме тогаш имам доволно аргументи со кои ќе им докажам дека се неосновани тврдењата на Хашкото обвинителство дека постои опасност Бошковски да биде недостапен ако се брани од слобода. Ако не ни дозволат да се жалиме, повторно ќе поднесеме барање за бранење од слобода и постапката пак ќе почне од почеток - вели Гоџо.
Митко Јованов
>>TOP<<
|