22.03.2007

СТАТУСНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА БОШКОСКИ И ТАРЧУЛОВСКИ

Во Хашкиот трибунал денеска ќе биде одржана статусна конференција за предметот против Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски.
На статусната конференција што е закажана во 14 часот и 15 минути треба да биде направен преглед на предметот, на преземените активности на обвинителството и на одбраната, на досега собраните докази и на листата на сведоци што треба да бидат презентирани на судењето против Бошкоски и Тарчуловски што почнува на 16 април.
Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски се обвинети за кршење на законите и обичаите на војување во врска со случајот "Љуботен".

Бошкоски е обвинет за "командна одговорност" односно дека како министер за внатрешни работи му одобрил на Тарчуловски да ја формира и предводи полициската единица која во август 2001 година спроведе акција во Љуботен во која настрадаа седуммина жители од албанска националност.

Тарчуловски беше екстрадиран во Хаг на 16 март, а Бошкоски на 24 март 2005 година. Обајцата на првото сослушување пред Судскиот совет на Хашкиот трибунал се изјаснија како невини по сите точки на обвинението.
Судиите во Хаг два пати го одбија барањето на адвокатите на Бошкоски и на Тарчуловски, да бидат пуштени да се бранат од слобода, иако гаранции дека тие ќе му бидат достапни на Судот во секое време даде и Владата на Република Македонија.

Хашките иследници во 2002 година почнаа истрага за пет случаи поврзани со конфликотот од 2001 година. Од петте случаи што беа предмет на нивен интерес, формална постапка пред Трибуналот во Хаг е покрената само за случајот "Љуботен".
Преостанатите четири случаи за кои водеше истрага: затворањето на браната Липково, малтретирањето на работниците од ГП Маврово, гробницата во Непроштено и раководство на ОНА, треба да им бидат вратени на македонските власти.
Причина за тоа, како што образложи главната хашка обвинителска Карла Дел Понте по донесувањето на одлуката да не се поведува постапка, е барањето на Советот за безбедност на ОН, сите истражни постапки да завршат до крајот на 2004 година, со што единствена преостаната опција за четирите случаи е да бидат вратени во Македонија.