22.03.2007

ОБВИНИТЕЛСТВОТО НУДИ НОВИ ДОКАЗИ И СВЕДОЦИ ПРОТИВ БОШКОСКИ И ТАРЧУЛОВСКИ

Одбраната и Судот реагираат на бавноста на обвинителите
„Хашкото обвинителство открило нови доказни материјали и ангажирало нови сведоци против Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски во пресрет на судењето закажано за 16 април годинава“, рече на вчерашната редовна статусна конференција обвинителот Ден Саксон. На најавата од Саксон реагираа и одбраната на двајцата Македонци и судијата кој го предупреди Обвинителството оти тоа го прави многу доцна. „По пет и пол години истрага, на помалку од еден месец пред почетокот на судењето, Обвинителството нуди нови докази, нови изјави на сведоци и нови експерти“, реагираше адвокатката на Бошкоски, Едина Решидовиќ.

Најавите од Обвинителството директно ги демантираа информациите кои деновиве проструија во дел од домашните медиуми, во правец на тоа дека се' повеќе сведоци се откажувале од сведочењето против Бошкоски и Тарчуловски.

На ваквите шпекулации околу текот на обвинителната постапка вчера реагираше и Здружението за поддршка на Бошкоски, од каде што предупредија дека ваквите дезинформации само им штетат на обвинетите Македонци. „Не е точно дека е намален бројот на сведоците на Обвинителството. Станува збор за обид на Обвинителството поголемиот број од сведоците етички Албанци да не се појавуваат лично на судењето во Хаг, туку само да се прочитаат нивните писмени изјави, на што се спротивставува одбраната на обвинетите“, изјави Горан Митевски од Здружението, демантирајќи ги информациите дека на Хашкото обвинителство се' повеќе сведоци му го откажувале сведочењето.

Според изјавата на Саксон, Обвинителството се' уште ја води истрагата во Македонија, а конечното комплетирање ќе се случи за три недели. Обвинителството планира да презентира и т.н. панорама на докази, како што рече Саксон, од селото Љуботен и од неговото непосредно опкружување, а преку тродимензионална презентација ќе ги претстави случувањата на критичниот ден за кој се товарат Бошкоски и Тарчуловски. Процената на Обвинителството за времетраењето на презентирањето на доказите останува иста, околу седум недели или 35 судски дена, како што беше претходно најавено.

Во пресрет на почетокот на судењето, најавено за 16 април, на 12 април ќе се одржи последната статусна конференција.

Инаку, Здружението за поддршка на Љубе Бошкоски најави дека ќе организира серија манифестации во пресрет на почетокот на судењето во знак на поддршка на обвинетиот ексминистер. Во соработка со Светскиот македонски конгрес, пред почетокот на судењето ќе се организира молебен за Бошкоски и Јохан Тарчуловски во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, со кој ќе богослужи архиепископот г.г. Стефан, на 13 април ќе се одржи концерт пред Домот на АРМ во Скопје, а на МТВ ќе се емитува документарен филм за Бошкоски. (Б.Г.)